
Пишува: Мирослав Трлин, димпломиран економист во пензија
Од осамостојувањето до денес, Северна Македонија изгради институции, донесе закони, формираше регулативи и механизми на контрола. На хартија, државата личи на демократски систем со поделба на власта, независно судство и јасни правила за управување со јавните ресурси. Во пракса, пак, движењето е поспоро – често насочено повеќе кон заштита на позицијата отколку кон заштита на принципот.
Последната јавна полемика околу користење службено возило отвори прашање што одамна тлее под површината: дали правилата важат еднакво за сите?
Во секое демократско општество постои разлика меѓу приватен и јавен ресурс. Кога приватна организација располага со сопствени средства – од членарини, донации или сопствени приходи – таа ги уредува правилата со свој статут и внатрешни акти. Дали тие правила се морално прифатливи е легитимна дебата, но тие се автономни.
Но кога станува збор за државни функционери, прашањето е поинакво. Тие управуваат со јавни средства – со имот што припаѓа на сите граѓани. Тука веќе не станува збор за внатрешна одлука, туку за јавна одговорност. Според Кривичен законик, службеното лице има посебна одговорност токму затоа што располага со јавен ресурс. Не поради статусот, туку поради довербата.
Проблемот не е дали некој се возел со службено возило. Проблемот е дали принципот се применува доследно.
Со години јавноста сведочи на пракса во која службените возила се третираат како привилегија на функцијата. Возење надвор од работно време, присуство на приватни настани, семејни потреби – сето тоа стана „нормалност” што ретко добива институционален епилог. Ако постојат прекршувања, тие ретко завршуваат со политичка одговорност, уште поретко со судска.
Во европските демократии, прашањето не се решава со прес-конференции, туку со транспарентност. Во Германија приватната употреба на службено возило се оданочува. Во Шведска и мал прекршок може да резултира со оставка. Во Обединетото Кралство средствата се враќаат или функцијата се губи. Таму принципот е поважен од позицијата.
Кај нас, напротив, често се отвора прашање само кога тоа е политички погодно. И тогаш јавноста со право го поставува прашањето: дали навистина станува збор за принцип, или за тактичко дефокусирање од суштинска тема? Во желбата да се одбрани, некој помеша „бабите и жабите”, па резултатот не излегува како што сакаше – ефектот не е одбрана, туку дефокусирање од суштинската тема.
Кога граѓаните со години гледаат една практика без санкција, а одеднаш се бара институционална реакција во конкретен момент, се создава впечаток на селективност. А селективната принципиелност е најбрзиот начин да се изгуби довербата.
Ниту една позиција на сила не може да оправда незаконско владеење. Ако некој е над граѓаните, тоа треба да го покаже со пример, а не со повикување на институции кога тоа одговара. Независните органи не смеат да бидат алатка во политичка реторика, туку гаранција за еднаква примена на правилата.
Затоа суштинското прашање не е кој кого обвинил. Суштинското прашање е:
Дали сме подготвени да воспоставиме систем каде секое службено возило ќе биде јавно евидентирано, секое користење транспарентно, а секое прекршување санкционирано – без разлика на функцијата?
Ако правилото важи за сите, тогаш никој нема да има проблем со проверка.
Ако важи селективно, тогаш навистина ќе личи на она народното:
„Слушај ме што ти зборувам, не ме гледај што правам.”
Демократијата не се брани со зборови, туку со еднакви аршини.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


