
Во точно 9 часот и 5 минути, низ цела Турција се слушна звукот на сирените во момент кој секоја година го обележува длабокото почитување кон човекот што ја создаде современата турска држава, Мустафа Кемал Ататурк. Денеска се навршуваат 87 години од неговата смрт, а 85 милиони Турци застанаа мирно и молчешкум му оддадоа почит на основачот на Републиката.
Во тој миг, животот во земјата запре. Возилата на улиците на Истанбул, Анкара, Измир и другите градови се запреа. Возачите излегоа од своите автомобили, патниците застанаа, а во училиштата, канцелариите и домовите сите стоеја исправени во едноминутно молчење. Ниту една друга земја во светот нема ваква традиција – цели осум децении подоцна, милиони луѓе уште стојат мирно во исто време, во чест на истиот човек.
Ататурк, кој починал на денешен ден во 1938 година во палатата Долмабахче во Истанбул, имал само 57 години. Но неговото наследство живее веќе речиси еден век – во секој турски симбол, закон и училишна лекција.
Во главниот град Анкара, илјадници граѓани и официјални делегации од утрово пристигнуваат во мавзолејот Ануткабир, каде се положуваат цвеќиња и венци. Целата престолнина е украсена со турски знамиња и големи постери со ликот на Ататурк.
Учениците и наставниците денеска се облечени во црно, а низ училиштата се одржуваат комеморативни часови. На големите екрани на јавните плоштади се прикажуваат документарни филмови и архивски снимки од животот на основачот на модерна Турција.
Мустафа Кемал Ататурк, чие семејство потекнува од Македонија, останува симбол на национално единство, визија и модернизација.
Денес, 87 години по неговата смрт, Турција повторно докажа дека споменот за човекот кој ја создаде нејзината современа историја не избледува.

