Skip to main content
Култура

„Единствената жена во просторијата” – вистинска приказна за Хеди Ламар, генијалниот ум зад WiFi, GPS и Bluetooth

27/11/2025  10:34

Познатата холивудска ѕвезда Хеди Ламар, која истовремено била и позната иноваторка, е инспирација за новата книга „Единствената жена во просторијата” од Мери Бенедикт. Романот на македонски јазик e во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”, што ја објави и претходната книга на Бенедикт, бестселерот „Другиот Ајнштајн”.

Хеди Ламар, покрај тоа што важела за најубава жена на своето време, била и еден од најгенијалните умови на својата ера. Нејзините идеи се темел на модерната комуникација: таа го измислила концептот на технологијата која денес ја користиме за WiFi, GPS и Bluetooth. Австрија, Германија и Швајцарија го одбележуваат 9 ноември, роденденот на Хеди Ламар, како Ден на пронаоѓачите.

Книгата го раскажува патот на младата австриска актерка Хедвиг Кислер, која обидувајќи се да го заштити своето семејство во пресрет на аншлусот – приклучувањето на Австрија кон нацистичка Германија – се мажи за Фридрих Мандл, богат индустријалец и производител на оружје. Краткиот и несреќен брак завршува со бегството на Хедвиг во Америка, каде што од Австрија понесува многу повеќе од спомени. Набргу, таа станува позната како Хеди Ламар, „најубавата жена на светот”.

Никој не претпоставува дека холивудската ѕвезда некогаш била научничка и дека поседува важни информации за непријателското производство на оружје. Во моментот кога Америка влегува во војната, Хеди Ламар и нејзиниот соработник Џорџ Антејл веќе имаат подготвен изум – уред што може да ја смени историјата.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.