
Албанскиот премиер Еди Рама, кој престојува во официјална посета на Ватикан, денеска оствари аудиенција кај папата Лав XIV. По средбата, Рама се сретна и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин, како и со монсињор Пол Ричард Галагер. Според соопштението на Канцеларијата за печат на Ватикан, разговорите поминале во срдечна атмосфера, при што биле нагласени добрите односи меѓу Светата столица и Албанија. На средбите биле отворени и прашања од заеднички интерес,
особено во делот на односите меѓу верските и граѓанските заедници. Во фокусот на разговорите се нашле и актуелните регионални теми, вклучувајќи ја состојбата на Западен Балкан, како и европската перспектива на Албанија и нејзиниот пат кон полноправно членство во Европската Унија. За време на посетата, Рама бил придружуван од сопругата Линда и нивниот син Захо. Тие го посетиле и гробот на папата Франциск во базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што, како што објави Рама, оддале почит на „незаборавен пријател на Албанија и на неговото семејство“, кој, како што наведе, секогаш испраќал пораки на поддршка и молитви за албанскиот народ.

