Skip to main content
Спорт

Еден светски рекорд и позитивна атмосфера на средината од ЕМОФ 2025

23/07/2025  14:55

Со добра организација, блескави настапи и позитивна атмосфера, Европскиот младински олимписки фестивал неделава ја става Македонија во центарот на европските спортски случувања. Ова беше порачано на денешната прес – конференција на средината од најголемото спортско случување што се одржува во Скопје, Куманово и Осиек од 20 до 26 јули. Оценката што ја споделуваат министри, организатори и спортисти е дека ова е момент што се памети.

На денешната прес конференција, министерот за спорт, Борко Ристовски, изрази големо задоволство од настанот и неговото значење за земјата.

-Како држава ќе имаме сите бенефит од ова бидејќи не е секојдневно и не се случува често преку 4000 учесници да се натпреваруваат во нашата земја. Среќен сум што на крајот од денот македонските спортисти имаат можност да се натпреваруваат. Ова е огромна можност за сите, рече тој.

Спирос Капралос, претседател на Европскиот олимписки комитет, сподели импресии од досегашниот тек.

-Натпреварите се стримаат во живо низ цела Европа и имаме добар рејтинг првите два дена. Вчера за атлетика имавме сто илјади прегледи. Огромни бројки се во прашање и со тоа може да се види колку овој настан е важен за Европа, посочи тој.

Даниел Димевски, претседател на организациониот комитет и Македонскиот олимписки комитет, истакна важноста за државата и спортскиот успех.

-Верувам дека во двата дена што следат ќе бидеме впишани и ние во листата на медалисти, во меѓувреме, падна националниот рекорд во пливање. Градиме мрежа и претставуваме нашата држава во најдобро светло, но имаме и мисија нашите млади генерации да се поврзат со Европа, рече тој.

Линеи Халдорсдотир, претседателка на комисијата за ЕМОФ, го подвлече предизвикот на организацијата.

-Изминатите две години беше напорна работа, сите работевме напорно. Нема лесна задача да се организира настан, но е предизвик. Овој е најголем ЕМОФ што сме го приредиле. Ова е патот за младите атлети до поголеми и посветли сништа, рече таа.

Матеа Поповска, македонска одбојкарка, изрази задоволство од условите на фестивалот.

-Условите се идеални, атмосферата е супер и баш поради овие услови спортистите можат да даваат сѐ од себе, посочи таа.

Алика Инкери Мосер од Естонија, првата медалистка на фестивалот, кој постави нов светски рекорд во младински категории во скок со стап, истакна дека и е чест и задоволство што е дел од фестивалот и што успехот го постигнала токму тука.

Во текот на оваа недела, Скопје, Куманово и Осиек се домаќини на најголемиот досега Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кој собра над 4000 млади спортисти од 49 земји.

На досегашните натпревари беше поставен и нов светски рекорд во скок со стап во младинска конкуренција, од страна на Естонката Алика Инкери Мосер која прескокна височина од четири метри и 52 сантиметри во арената „Тодор Проески“, надминувајќи го досегашниот рекорд на Американката Аманда Мол за еден сантиметар, кој беше остварен пред три години.