
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) нареди затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, како и вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените. Директорот на ДСЗИ, д-р Кирил Лазов, рече дека по известување од Центарот за јавно здравје за стомачни тегоби кај учениците, се спроведува координиран инспекциски надзор заедно со АХВ, ИЈЗ и ЦЈЗ Скопје.
„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените“, изјави Лазов.
Во врска со неофицијалните информации дека причината за тегобите е вода, Лазов додаде дека ДСЗИ не е надлежен за тоа.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените, од работни површини, како и мостри од храна и вода.
„Она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата. Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме толку брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, рече таа.
Андоновска додаде дека имало девет пријави за стомачни тегоби кај деца.
