
Во пресрет на претстојните празници и традиционалните предновогодишни и новогодишни забави, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати апел до сопствениците и организаторите на настани да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и безбедност на посетителите.
Од ДЗС нагласуваат дека е задолжително:
- Да се почитува максимално дозволениот број посетители согласно капацитетот на објектот и важечките прописи.
- Објектите да имаат исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, која треба да биде достапна за итна употреба.
- Коридорите, излезите и патиштата за евакуација да бидат проодни, чисти и без пречки.
- Излезните врати да бидат отклучени и функционални за непречено напуштање на објектот во случај на пожар или друга опасност.
- Забраната за користење на пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории строго да се почитува.
- Персоналот да биде информиран и подготвен за постапување при итни ситуации.
ДЗС истакнува дека почитувањето на овие мерки не е само законска обврска, туку и морална одговорност на секој сопственик и организатор кон гостите и вработените.
Истовремено, ДЗС се заблагодарува на медиумите за подигање на јавната свест за превенција и заштита од пожари и други опасности, со што заеднички се создаваат услови новогодишните прослави да се одвиваат во безбедна, пријатна и свечена атмосфера, без ризици и несакани последици.

