Skip to main content
Македонија

ДЗР: Во Министерството за односи меѓу заедниците фалат 30 лап топи и илјадници евра за гориво

04/03/2026  10:09

Државниот завод за ревизија при ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците за  2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството.

ДЗР денеска на својата веб страница објави  извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет (637) за 2024 година и ревизија на усогласеност на тема „Јавни набавки во Министерство за односи меѓу заедниците (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) во 2023 година. 

Како што соопшти ДЗР, изразено е неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија,  утврдиле состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.

– Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот. За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, додека, пак, за побарувањата од вработените во износ од 2.102 илјади денари односно 34.000 евра кои потекнуваат од минати години (2012-2020 година), Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ, се вели во соопштението од ДЗР.

Оттаму укажуваат дека за дел од наведените состојби, по промена на раководството, во текот на 2024 година преземени се активности за нивно надминување, а за дел постапуваат и други надлежни органи.

Утврдени се и состојби со извршена ревизија на документацијата за реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, по која на 33 здруженија и фондации исплатени се средства во износ од 19.800.000 денари, односно 320.900 евра. Ревизорите наведуваат дека Програмата е донесена со задоцнување во октомври 2023 година, кога е објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесување на Буџетот како што е уредено со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации. Во  одделението за соработка со здруженија и фондации во 2024 година во периодот на реализација на програмата, од девет предвидени работни места, не било пополнето ниту едно. Исто така, Комисијата за распределба на финансиски средства за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации од буџетот на Министерството составена од 18 членови од повеќе државни институции, не обезбедила документација за извршеното бодирање на апликациите од страна на секој член на комисијата за 138 поднесени апликации опфатени со Предлог ранг листата. Здруженијата и фондациите кои се стекнале со правото на користење средства од Министерството, дел од документацијата ја доставиле на албански јазик, без превод на македонски јазик, што не е во согласност со одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик.