
Неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, утврдил Државниот завод за ревизија при извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Министерството за здравство за 2023 година.
Со ревизијата, како што се наведува во соопштението од ДЗР, утврдени се слабости во финансиското управување, сметководствената евиденција, реализацијата на програмите и спроведувањето на капиталните инвестиции, што влијае врз квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.
– Во 2023 година, за спроведување на 23 здравствени програми биле обезбедени 5,3 милијарди денари, што не било доволно за навремено и целосно подмирување на обврските кон јавните здравствени установи и дополнително ја влошило нивната ликвидност, се посочува во извештајот.
Ревизорите констатирале повеќе недоследности во евиденциите, спроведувањето и известувањето во рамки на програмата за лекување ретки болести во 2023 година, во рамки на програмата за обезбедување инсулин, како и во програмата за рано откривање на малигни заболувања.
Ревизијата утврдила дека недостасуваат јасно дефинирани мерливи индикатори, опфатот на населението е низок, а дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува влијанието на превентивните мерки.
Во делот на капиталните инвестиции, ревизијата упатува на сериозни предизвици во спроведувањето на проектите.
– За изградба на Општа болница Кичево утврдени се состојби кои предизвикале значителни финансиски импликации врз вкупната вредност на проектот, долгогодишно одложување на обезбедување на поквалитетни здравствени услуги за граѓаните, како и ризик од дополнителни трошоци во зависност од исходот на судската постапка што е во тек, се посочува во извештајот.
Ревизијата покажала дека и покрај тоа што активностите за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип, преку проект финансиран со заем од CEB (Банка за развој при Советот на Европа), започнале во 2015 година, истите сè уште не се завршени.
-Откажувањето на компонентата за изградба на Клиничкиот центар во Скопје, пролонгирањето на роковите и раскинувањето на договорот за Клиничкиот центар во Штип резултирале со покренување на арбитражни постапки за отштетни побарувања во вкупен износ од 45 милиони евра. Истовремено, од вкупниот заем од 97 милиони евра, неповратно се повлечени 83,4 милиони евра од страна на кредиторот, односно средствата повеќе не се достапни за државата поради нивно неисполнување на условите и нереализација на проектот во предвидениот рок, се наведува во извештајот.
Во рамките на нагласување на прашања, ревизијата укажува дека иако повеќе од 90 отсто од градежни работи на ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид и Градска општа болница Струмица , кои започнале уште во 2015 и 2016 година, се завршени, се уште не се обезбедени услови за пуштање на објектите во употреба.
Ревизијата покажува дека причините за доцнењето се бројни: пролонгирање на рокови, склучување на голем број анекси поради пропусти во проектната документација, пораст на цените на градежните материјали, како и покренати судски постапки.
-Овие состојби предизвикале значително зголемување на трошоците и одложување од речиси 10 години во обезбедувањето на подобри здравствени услуги за граѓаните, се наведува во соопштението.
Ревизорите утврдиле недоволен опфат со вакцинација на населението, кој се движи од 56,3 отсто до 87,7 отсто, со особено намалување по пандемијата во 2020 година, а главните причини се зголемената недоверба на граѓаните во безбедноста на вакцините и одложувањата во спроведување на вакцинацијата со одредени вакцини.
Во делот клучни ревизорски прашања, ревизијата посебно го анализирала статусот, кадровската екипираност, финансирањето и начинот на функционирање на Единицата за имплементација на проектот за изградба на нов клинички центар .
-Ревизијата исто така известува за расположливите неискористени средства на проектната сметка во износ од 517.251 илјади денари, односно 8,4 милиони евра од кои 6,01 милиони евра се по основ на активирани банкарски гаранции за квалитетно извршување на договор, наплатени од изведувачот при раскинување на договорот за изградба на Клинички центар Штип, а додека пак 2,4 милиони евра се повлечени а неискористени средства од кредитот. Дополнително, се укажува на неизвесноста околу идните трошоци кои ќе треба да се покријат од овие средства, се наведува во сооопштението.
За надминување на констатираните состојби ревизорите дале препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.