
Во изминатите два дена, на територијата на Скопје се случиле две тешки сообраќајни несреќи, при кои неколку лица се здобиле со повреди, од кои две жени со тешки телесни повреди.
Првиот инцидент се случил на 10 јули 2025 година, околу 12:40 часот, на сервисната улица што ги поврзува булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и улицата „Бутелска“. Во несреќата учествувале патничко возило „Фолксваген Туран“, управувано од М.Ч. (53) од Скопје, и „Пежо“, управувано од М.Н. (25) од с. Стајковци.
Во судирот тешки телесни повреди добила В.В. (53) од Скопје, сопатничка во возилото „Пежо“, додека двајцата возачи се здобиле со телесни повреди. Сите повредени биле згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Извршен е увид на местото на настанот од страна на увидна екипа на СВР Скопје.
Вториот сообраќаен инцидент бил пријавен на 11 јули 2025 година, во 05:50 часот, на крстосницата меѓу булеварите „8-ми Септември“ и „Партизански одреди“. Во несреќата учествувале патничко возило „Тојота Јарис“, управувано од С.Д.Ј. (59) од Скопје, и автобус „Мерцедес Спринтер“, управуван од Л.Б. (66), исто така од Скопје.
С.Д.Ј. се здобила со тешки телесни повреди, а со полесни повреди поминал возачот на автобусот. Повредите биле констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“. И за овој случај, увид извршила увидна екипа од СВР Скопје.
Полицијата работи на целосно расчистување на причините за двете сообраќајки.