Skip to main content
Хроника

Две случаи за 24 часа: Пукал од „бмв“ на семејна веселба – 21-годишен тетовец се пофалил на социјални мрежи, па завршил во полициска станица

23/10/2025  16:38

Веселбата во тетовското село Желино завршила со полициска интервенција откако млад маж решил да прослави на опасен начин. Според информациите од МВР, 21-годишниот С.Ш. од Голема Речица бил уапсен откако пукал со огнено оружје од своето патничко возило „БМВ“ со тетовски регистерски таблички – и целиот настан го објавил на социјална мрежа.

Инцидентот се случил вчера околу 10 часот наутро, додека осомничениот одел на семејна веселба во селото Желино. Само неколку часа подоцна, околу 00:50 часот, полициските службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода.

При претрес кај него бил пронајден и одземен пиштол марка „Зораки“, со една празна рамка и кутија со 21 куршум, за кои не поседувал дозвола.

С.Ш. е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Сличен настан е забележан вчера и во селото Житоше. Полицијата ги приведе В.Е.(26) и Б.Е.(57) затоа што на семејна веселба пред куќата каде што живее В.Е. во воздух испукал неколку истрели од огнено оружје.

На лице место пронајдени се чаури, а од лицата одземени се гасен пиштол, сопственост на В.Е. и ловна пушка и дозвола за поседување на име на Б.Е..

По документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.