Skip to main content
Свет

Две лица загинаа, а 19 се ранети во четвртиот ирански напад врз Израел

14/06/2025  08:35

Иран утрово започна четврти бран ракетни напади врз Израел, во рамки на Операцијата „Вистинско ветување 3“, соопшти иранската државна телевизија. Ова претставува одмазда за претходните напади на израелските воздухопловни сили врз ирански цели во четвртокот навечер.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека детектирале ракети истрелани од Иран и веднаш активирале одбранбени механизми. Во неколку израелски региони се огласија сирени, а жителите беа повикани да се засолнат.

„Израелските воздухопловни сили се во моментална операција за пресретнување на ракетите. Граѓаните мора да ги следат инструкциите и да останат во засолништа додека не се елиминира опасноста“, соопшти прес-службата на ИДФ.

Израелските медиуми известуваат дека експлозии се слушале во Тел Авив и Ерусалим. Медицинските служби потврдија дека најмалку две лица загинале, а 19 се ранети откако ракета погодила станбена зграда во централен Израел.

„Најмалку една жена е во сериозна состојба, а неколкумина се уште се под урнатините“, изјави Ели Бин, директор на „Маген Давид Адом“, израелската верзија на Црвениот крст.

Од друга страна, според израелскиот весник „The Jerusalem Post“, најмалку 63 лица се повредени од гранатирањето, додека поголемиот дел од иранските ракети биле соборени или не стигнале до целта.