Skip to main content
Магазин

Двајца другари од Индија, пронашле дијамант вреден 50.000 евра, со парите ќе ги мажат сестрите

17/12/2025  12:12

Сатиш Хатик и Саџид Мохамед – двајца другари од детството, кои живеат во рударската област Пана во средишна Индија, пронашле дијамант од 15,34 карати. Се проценува дека скапоцениот камен вреди околу 50.000 евра, објави „Би-би-си“.

Според овластениот проценител во тоа подрачје, дијамант од 15,34 карати е еден од најдобрите видови природни дијаманти. – Проценетата пазарна вредност на скапоцениот камен е околу пет до шест милиони рупии (47.000 – 56.000 евра) и наскоро ќе биде ставен на аукција, изјави овластениот проценувач на дијаманти, Хинди Анупам Синг.

Властите одржуваат аукции коишто привлекуваат купувачи од цела Индија и од странство. Наскоро и новиот пронајдок ќе се најде на такво наддавање.

Месарот Хатик (24), и Мохамед (23), кој продава овошје, „се пресреќни“ од откритието, како што велат. И двајцата потекнуваат од сиромашни семејства и се најмлади синови, а со поколенија нивните предци ја испробувале среќата во рудниците на дијаманти, вообичаена дејност меѓу луѓето од овој округ. Иако сè уште не ги добиле парите, Хатик и Мохамед не размислуваат за купување земјиште, проширување на бизнис или преселба во поголем град. Засега, велат, се насочени на свадбата на своите сестри.

„Конечно можеме да ги омажиме нашите сестри“, рекоа двајцата другари.

Областа Пана, којашто се наоѓа во сојузната држава Мадја Прадеш, е едно од најнеразвиените области во Индија, чии жители се борат со сиромаштија, недостаток на вода и невработеност. Во истовреме, областа е огромен извор на дијаманти во Индија, што го прави главна дестинација за ловците на богатство.