Skip to main content
Македонија

Дурмиши:Турските инвестиции сочинуваат 38% од вкупните странски инвестиции во земјата

26/12/2024  21:35

„Северна Македонија има одлични услови за привлекување на странски инвестиции и во Слободните економски зони каде што големи поволности се предвидени за странските инвеститори, но и надвор во зоните. Нашата стратегија е да постигнеме подобар економски развој не само на Република Северна Македонија, туку и на целиот регион, кажа министерот за економија и труд Басар Дурмиши на бизнис форумот и деловни средби меѓу Република Северна Македонија и Република Турција кој што се одржа денеска во хотел Хилтон.

На бизнис форумот учествуваше и министерот за трговија на Турција Омер Болат кој е во еднодневна посета на Северна Македонија како и компании од Турција и Северна Македонија.

Министерот Дурмиши истакна дека Северна Македонија и Турција имаат одлична билатерална и трговска соработка која има простор да се зголеми во наредниот период.

„Турските инвестиции се едни од најбројните во земјата и сочинуваат 38% од вкупните странски инвестиции во земјава со околу две милјарди евра. Владата во бизнис секторот и во инвеститорите гледа партнери за поддршка на развојот на економијата. Преку отворен и континуиран дијалог со бизнис заедницата сакаме да изградиме партнерски односи кои носат резултати.Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите сите компании кои работат во Северна Македонија и домашните и странските инвеститори имаат исти услови и можности за добивање поддршка од државата. Со концептот на воспоставување на Технолошките индустриски развојни зони привлечени се повеќе од 35 мултинационални производствени компании со глобално влијание„ кажа министерот Дурмиши и ги повика турските компании да инвестираат во земјава и да ги прошират своите инвестиции, а Владата ќе обезбеди најповолна бизнис клима за работа.