Skip to main content
Економија

Дурмиши: Ќе поддржиме сè што ќе договорат синдикатите и работодавачите

03/02/2026  14:42

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска уште еднаш повтори дека Владата ќе го поддржи секој предлог што ќе биде заеднички прифатен и од синдикатите и од работодавачите во однос на минималната плата. Треба да има зголемување и на минималната и на другите плати, но тоа мора да биде постепено, со сигурност и во стабилна економска рамка.

– В четврток имаме состанок со синдикатите од УПОЗ, идните денови ќе има и седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) на која ќе бидат најверојатно присутни и синдикатите и рабодотавачите. Ако предлогот биде прифатен од сите чинители, односно од сите членови на ЕСС, ние како Влада и Министерство сме таму да ги поддржиме. Нашиот став во рамки на ЕСС сме го кажале од почеток – ако се договорат синдикатите и работодавачите, ние сме таму да им излеземе во пресрет на двете страни. Ние ја гледаме целата слика, ја имаме предвид сликата на сите граѓани – и на вработените во јавниот сектор и на вработените во приватниот сектор. Сме го кажале ставот и стоиме на тоа – да има зголемување на минималната и другите плати во јавниот сектор, но тоа да биде постепено, со сигурност, да има стабилна економска рамка – потенцира Дурмиши, одговорајќи на новинарски прашања по настанот во Владата на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.

Министерот повтори дека Владата веќе ги зголеми платите во јавниот сектор.

-Ги зголемивме платите уште првата година во здравството, образованието, полицијата, пензиите,… Ние со вработените во јавниот сектор имаме договор преку трипартитниот дијалог и околу 85 проценти веќе се решени. Останаа уште 7.700 вработени, но и со нив предложивме да седнеме, да се договориме, да им излеземе во пресрет – истакна Дурмиши.

Тој информира и дека не е донесена одлука за зголемување на платите на функционерите.

-Ќе видиме каква е ситуацијата откако овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика и соодветно ќе постапиме. Лани донесовме Одлука со која ги ограничивме платитите на функционерите, односно предвидовме да се зголемуваат како и платите на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика од кои ќе видиме каква е ситуацијата и соодветно ќе постапиме. Стоиме на тој став дека нема да донесеме одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите. Минималната плата ќе биде нивелирана или зголемена во март за околу 7 или 8 отсто што значи дека во 2028 година ќе имаме зголемување за околу 40 проценти. Значи, да излезат податоците и ќе донесеме одлука, како што постапивме лани, така ќе постапиме и оваа година – подвлече Дурмиши.