Skip to main content
Македонија

ДУИ со остра реакција до Мицкоски: Сака да ни го избрише идентитетот со електронски попис

29/06/2025  11:50

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска жестоко реагираше на најавите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата за спроведување на електронски попис во 2026 година, обвинувајќи дека станува збор за националистичка агенда со цел исклучување на Албанците од институциите и системот.

Во реакцијата, ДУИ потсетува дека уште во 2022 година, Мицкоски јавно ги оспори резултатите од пописот на населението, каде беше утврдено дека Албанците сочинуваат 29,5% од вкупната популација.

„Тој тогаш вети дека штом ќе дојде на власт ќе организира електронски попис за да ги ‘коригира’ резултатите. Тоа не беше техничка изјава, туку политичка порака – дел од серија ветувања со слоганот ‘да им се покаже местото на Албанците’“, стои во реакцијата на партијата.

ДУИ обвинува дека новата власт го спроведува овој план преку институциите кои ги има ставено под своја контрола.

„Уставниот суд, Јавното обвинителство и други тела активно работат во служба на оваа агенда – укинување на Балансерот, уривање на механизмите за заштита од мајоризација, исклучување на албанскиот јазик, систематско маргинализирање на Албанците во администрацијата, безбедносните служби и армијата“, наведуваат од партијата.

ДУИ не ја штеди ниту коалицијата Вреди, која според нив, со својата тишина и поддршка, ја легитимира политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Уценети и заробени, тие создаваат лажна слика за мултиетничност на владата. Албанците не се наивни и никогаш нема да прифатат да бидат предмет на ‘дигитален инженеринг’, дури и ако во тој процес учествуваат Албанци од Вреди“, велат од ДУИ.

На крајот, од партијата испратија порака до граѓаните:

„Овие обиди нема да поминат. Ќе се спротивставиме со сите демократски средства, а Албанците ќе знаат да го заштитат својот глас, своето место и своето достоинство во оваа држава“.