Skip to main content
Македонија

ДУИ: Испекторите од Инспекторатот за примена на Законот за употреба на јазиците 4 месеци не добиле плата

23/04/2025  09:40

Соопштение на ДУИ:

Демократската унија за интеграција остро реагира на последните скандалозни информации поврзани со Инспекторатот за примена на Законот за употреба на јазиците, институцијата која има клучна улога во надзорот и спроведувањето на правото на службена употреба на албанскиот јазик.

Инспекторите на оваа институција, веќе повеќе од четири месеци немаат добиено плата.

Тие се оставени без социјално и здравствено осигурување, без елементарна безбедност за себе и за своите семејства.

Ова не е само социјална неправда – ова е намерна стратегија за уништување на институцијата, со цел да се натераат обучените и лиценцирани инспектори да ја напуштат својата работа, а со тоа да се парализира системот на контрола.

Оваа акција е само една етапа од поширок, координиран напад врз статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија.

• Најпрво беше одземена независноста на Инспекторатот, ставајќи го под надлежност на Министерството за правда, со што институцијата беше ставена во политичка зависност.

• Потоа следеше системско игнорирање на законот од страна на институциите,

• Министерствата, јавните претпријатија и нивните веб-страници се исчистени од содржини на албански јазик,

• А сега, се удира и по самата институција која е формирана да го штити законот.

Истовремено, Уставниот суд го разгледува Законот за јазиците под притисок, со можност да се поништат неговите клучни одредби.

Ова не е случајна негрижа. Ова е смислена операција за демонтажа на целиот систем изграден околу службената употреба на албанскиот јазик.

Ова е момент што не трпи молк. Секој што молчи денес, ќе биде соучесник утре.

Нашиот повик е до сите – без разлика на етничка припадност, политичка ориентација или позиција во општеството. Претставници на граѓанскиот сектор, граѓани, интелектуалци, медиуми, меѓународни партнери – сега е времето да се крене гласот.

Албанскиот јазик не е симболика. Тој е уставно право, еднаквост, мир и достоинство.