Skip to main content
Македонија

ДУИ бара избори: Владата го изгуби легитимитетот за европска агенда

14/05/2025  09:50

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски свесно го загрозува патот на земјата кон Европската Унија, иако токму тоа беше претставено како нејзин прв приоритет. Според ДУИ, новата влада се откажала од суштинската цел – полноправно членство во ЕУ – со, како што велат, намерни политики кои создаваат конфликти и внатре и надвор од државата.

„Не само со небулозното одбивање на уставното дополнување со неколку малцинства, туку премиерот наоколу се фали дека новата влада успеала да ја надмудри и Грција во изигрување на преспанскиот ‘ерга омнес’ и се фали дека сѐ помасовно се изоставува делот ‘Северна’ од името на земјава“, обвинија од ДУИ.

Тие предупредуваат дека со секојдневните внатрешни политички пресметки и обвинувања за предавства, паралелно се градат нови непријателства со соседите и со европските партнери.

„Има нејасни пораки – од кого се бараат тие таканаречени гаранции, кој треба да ги испорача, кој треба да ги ревидира, да потврди дека се исполнети, од кого имаме поддршка за тоа… Владата свесно создава нов спор за името кој треба да ја држи земјата надвор од интегративните процеси кои ќе значат извлекување од балканската кал“, велат од партијата.

ДУИ смета дека Владата нема ниту легитимитет ниту капацитет да води јасна европска политика и упати повик за распишување предвремени парламентарни избори.