Skip to main content
Македонија

Државата треба да им исплати 85.000 евра на адвокатите на Мијалков и на бранителите на другите обвинети за масовното прислушување во УБК

18/06/2025  18:31

Случајот ,,Таргет” на СЈО, за масовното прислушување во УБК, апсолутно застаре пред речиси две години, но сметките за наплата на адвокатските трошоци стигнуваат сега и истите ќе се наплатат од ,,џебот” на државата.

Имено, предметот запре поради настапена апсолутна застареност за кривичен прогон на обвинетите, а поради скандалозните измени на Кривичниот законик, со кои се намали запретената казна. Ова значи дека никогаш нема да има кривично правна разрешница и одговорност за незаконското прислушување, но сепак на ред дојде да се подмират адвокатските трошоци на адвокатите кои ги застапуваа обвинетите.

Од неодамна се направени првите пресметки, а парите ќе се исплатат од државниот буџет.

Од Кривичниот суд ни одговорија дека се пресметани трошоците за постапката за предметот „Таргет – Тврдина“, решенијата се изработуваат и ќе бидат дополнително доставени на странките. Според овие решенија вкупната сума е 85.000 евра.

-Имајќи го предвид јавниот интерес за предметот, ве известуваме дека пресметаните трошоци според се уште неправосилните решенија се над 5.200.000 денари, ни одговорија од Кривичниот суд.

Исто така, државата, освен овие трошоци, во иднина ќе треба да ги обесштети и жртвите од прислушувањето. Доколку обвинетите беа прогласени за виновни, тогаш штетите ќе требаше да се наплатат од нивниот џеб, но вака, за сѐ ќе плати државата.

Инаку, со првичната пресуда за нелегалното масовно прислушување ,,Таргет”, обвинетите добија затворска казна вкупно од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. Но потоа наместо брза правда од Апелација, судијата Енвер Беџети беше тој што придонесе за застарувањето, бидејќи предметот го чуваше девет месеци во фиока пред Апелација да одлучи дека ја укинува првостепената пресуда и случајот го враќа на повторно судење. Кога предметот се врати во Кривичниот суд, судењето почна од почеток, но по неколку месеци беше консантирана застареност, предизвикана директно од законските измени кои беа донесени во меѓувреме.

Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20.000 граѓани.. (fokus)