Skip to main content
Економија, Македонија

Државата му дала 10 милиони евра, па го исклучи спорниот пат на „Лукоил Македонија“

14/01/2026  10:36

Дополнителна тежина на случајот му дава и фактот што, според јавно достапните податоци на Бирото за јавни набавки, „Лукоил Македонија“ во текот на 2025 година од државни институции добила јавни набавки во вкупна вредност од околу 10 милиони евра. Овие бројки покажуваат дека компанијата била значаен и чест снабдувач на државниот сектор, и тоа во период кога веќе постоеле сериозни меѓународни ограничувања и санкциски ризици поврзани со компанијата.

Токму затоа, случајот не се сведува само на еден нереализиран договор и недоставена банкарска гаранција, туку отвора поширока дилема за тоа дали институциите навремено и системски ги проверуваат санкциските листи, како и потенцијалните безбедносни и финансиски ризици, пред доделување на милионски јавни набавки.

„Лукоил Македонија“ е исклучена од учество во јавни набавки во Северна Македонија до јуни 2026 година, откако доби негативна референца од Министерството за одбрана поради неиспорачана банкарска гаранција за веќе склучен договор. Станува збор за тендер за набавка на масла, масти и течности за моторни возила и вооружување, кој компанијата го добила на 20 октомври 2025 година како најповолен понудувач. Сепак, договорот не бил реализиран бидејќи фирмата не ја доставила потребната банкарска гаранција во предвидениот рок – услов што е стандардна и задолжителна клаузула кај вакви големи јавни набавки.

Во својата жалба, „Лукоил Македонија“ наведува дека не можела да обезбеди банкарска гаранција поради безбедносни и регулаторни причини поврзани со санкциите против Руската федерација, иако, како што тврдат, тоа било дозволено со генерални лиценци. Според Радио Слободна Европа, македонската подружница на руската нафтена компанија се обидела гаранцијата да ја замени со депозит, но Министерството за одбрана го одбило ваквиот предлог, оценувајќи дека е спротивен на Законот за јавни набавки.

Одлуката на Министерството ја потврдила и Државната комисија за жалби по јавни набавки. Во решението се наведува дека доколку дојде до наплата на банкарската гаранција на понудата, односно до прекршување на изјавата за сериозност на понудата, договорниот орган е должен да објави негативна референца, што резултира со исклучување на понудувачот од сите идни постапки за јавни набавки во период од шест месеци од денот на објавувањето. Со тоа, „Лукоил Македонија“ доби забрана за учество на тендери до 17 јуни 2026 година.

Случајот дополнително ја засили јавната дебата поради фактот што Министерството за финансии на САД (OFAC) на 22 октомври 2025 година официјално ја внесе LUKOIL OAO на санкциската листа (SDN List). Токму овие санкции, според наводите на самата компанија, биле клучната причина поради која таа не можела да обезбеди банкарска гаранција од банка.