Skip to main content
Македонија

Држава од која не се бега

03/01/2026  12:45

Пишува: Мирослав Трлин, димпломиран економист во пензија

Ниту една држава не пропаѓа затоа што нема ресурси. Пропаѓа кога граѓаните ќе престанат да чувствуваат дека таа е нивна. Кога ќе почнат да ја доживуваат како нешто туѓо, опасно или привремено. Како место од кое се бега, а не простор што се гради.

Кога млад човек ќе донесе одлука да замине, тоа ретко е од економска причина сама по себе. Повеќе е од чувство дека системот не нуди перспектива, туку неизвесност. Дека успехот не зависи од квалитет, туку од врски. Дека иднината е нешто што треба да се бара надвор, а не да се гради дома.

Моето обраќање преку колумни нема цел да напаѓа ниту да брани поединци, партии или политики. Целта е многу поедноставна, но и потешка: будење на граѓанската свест и преземање лична одговорност за тоа каква држава градиме. Зашто државата не е Владата. Таа е збир од нашите прифатени правила, премолчени отстапки и свесни компромиси.

Сами сме на свое – ако искрено го градиме тоа свое. Без лажен морал, без селективна правда и без двојни стандарди. Довербата не се декретира, таа се гради долго, а се губи бргу. И кога еднаш ќе се изгуби, не се враќа со пароли, туку со дела.

Влегувањето во матни, незаконити или полулегални работи не е „снаоѓање”, туку спирала без крај. Таа можеби нуди краткорочна корист за поединци, но секогаш произведува долгорочна штета за општеството. Хазардерските политики – коцкањето со институции, со ресурси, со иднината на младите – не создаваат развој, туку нестабилност. А нестабилна држава нема препознатлива иднина, ниту може да биде дом.

Држава од која не се бега не се создава со патриотски говори, ниту со статистики за раст што граѓаните не го чувствуваат. Таа се гради со чувство на правичност, предвидливост и смисла. Со убедување дека трудот вреди, дека знаењето има примена и дека правилата важат за сите – не селективно, не по потреба.    

Ние често зборуваме за инвестиции, но ретко за доверба. А довербата е најголемата инвестиција. Без неа, ниту странскиот капитал не носи развој, ниту домашниот капитал има храброст да вложи. Без доверба, секоја политика станува хазардерска – краткорочна добивка за поединци, долгорочна штета за општеството.

Ниту една држава не се празни преку ноќ. Таа се празни тивко, постепено, додека сите се навикнуваат на заминувањето како на нешто нормално. Денес речиси и да не прашуваме зошто младите си одат – тоа го прифаќаме како судбина. А судбина не постои. Постојат само последици.

Ако сакаме младите да останат, мора да им понудиме повеќе од празен патриотизам. Мора да им понудиме систем во кој трудот се исплати, знаењето се применува, а успехот не зависи од блискост со центри на моќ. Држава во која не се плашиш дека утре правилата ќе се сменат затоа што некому така му одговара.

Не треба да бегаме од интеграции. Напротив. Тие не се губење на идентитет, туку можност за препознавање, споредување и докажување. Интеграциите се рамка во која малите држави можат да бидат заштитени, а не проголтани. Но интеграцијата не значи откажување од одговорност дома. Таа не може да ја замени нашата волја да изградиме функционални институции и фер правила.

Вистинската реформа не почнува во Брисел, туку во нашето секојдневно прифаќање или одбивање на неправдата. Во одлуката дали ќе молчиме кога нешто е погрешно, или ќе поставиме прашање – дури и кога е непријатно.

Ова не е повик на револуција, туку на зрелост. Да престанеме да чекаме некој друг да ни ја среди државата. Да разбереме дека иднината не се наследува, туку се гради. Полека, доследно и чесно.

Зашто држава од која не се бега не се создава со големи зборови, туку со мали, но исправни чекори. И тие чекори, на крајот, зависат од сите нас.