Skip to main content
Балкан

Дрога во вредност од 320.000 евра исфрлен на плажа на Родос

05/04/2026  22:21

Повеќе од 40 килограми хашиш со проценета улична вредност од околу 320.000 евра беа пронајдени на плажа на југоисточниот грчки остров Родос, информираат локалните власти, повикувајќи се на податоци објавени од весникот „Катимерини“.

Дрогата била откриена во петокот во областа Плимири, во близина на Линдос, каде што брановите исфрлиле затворена корпа од слама во која биле сместени пакетите со хашиш. Вкупната тежина на запленетата дрога изнесува 42,8 килограми.

Од Крајбрежна стража на Грција соопштуваат дека во моментов се врши засилено патролирање и мониторинг на крајбрежјето, со цел да се утврди дали има уште пакети кои би можеле да се појават на плажите.

Засега не е познато од каде потекнува дрогата, ниту како завршила во морето, но истрагата е во тек и се разгледуваат можни врски со меѓународни шверцерски мрежи.

Овој случај доаѓа во време кога европските безбедносни служби бележат зголемена активност на организирани криминални групи. Кон крајот на март, шпанските власти открија сложен подземен тунел во Сеута, кој бил користен за транспорт на хашиш од Мароко кон Шпанија.

Според информациите од истрагата, тунелот бил опремен со шини и мали вагони и бил опишан како „лавиринт што личи на рудник“. Операцијата за негово откривање траела повеќе од една година, а надлежните институции посочуваат дека мрежата снабдувала дрога низ повеќе европски земји.

Случајот на Родос дополнително ја отвора загриженоста за зголемениот шверц на дрога преку медитеранските рути и потребата од засилена меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал.