
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе nаредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека извршило кривични дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 и Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
Полициски службеници вчера извршиле претрес на таванската просторија во зградата каде живее осомничениот во Аеродром и утврдиле дека таму без дозвола држел огнено оружје – пиштол со калибар 7,65 мм и пет куршуми. Исто така, била пронајдена и опојна дрога – 4,2 килограми марихуана и 5,98 грама кокаин.
Во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат дека 21-годишниот осомничен би можел да се даде во бегство, дека ќе ги прикрива трагите на кривичното дело или ќе влијае врз сведоци, но и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело. Од тие причини јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.