Skip to main content
Македонија

Дрифт шоу во Тетово, без полициски надзор и со многу бучава

13/07/2025  22:42

Попладнево, околу 16:30 часот, во Тетово се одржал автомобилски настан кој привлекол голем број посетители, но и реакции од загрижените граѓани. Според сведочења за „Слободен печат“, присутните возачи изведувале дрифтање и користеле возила со модифицирани ауспуси, што предизвикало гласна бучава и значително го нарушило јавниот ред и мир.

Жители од околните згради и куќи се пожалиле на несносна врева, истакнувајќи дека таа далеку ја надминала законски дозволената граница од 40 децибели во периодот од 15:00 до 18:00 часот, кога важат построги прописи за заштита од бучава.

Граѓаните реагирале до редакцијата на „Слободен печат“ со забелешка дека за време на настанот не било забележано присуство на полициски службеници, ниту било преземено нешто за да се регулира или надгледува однесувањето на учесниците.

Случајот повторно го отвора прашањето за регулација на вакви настани, особено кога тие се одржуваат во урбани зони и без соодветен надзор од надлежните институции. Се очекува реакција од СВР Тетово и локалната самоуправа.