Skip to main content
Балкан

Драма на Халкидики: Седумгодишно дете било однесено од бранови додека било во чамец, таткото пливал за да го спаси

30/06/2025  17:48

Момче на возраст од седум години во неделата се нашло само во гумен чамец во близина на брегот на Неа Ираклија на Халкидики.Преживеало драма во морето, но сè завршило без трагични последици.

Таткото според медиумите во регионот, гледал дека морето го носи чамецот, отпливал во обид да го спаси својот син.

Како што соопшти крајбрежната стража, Првата дивизија на пристаништето Неа Миханион на Централната пристанишна управа на Солун околу пладне добила пријава дека чамец со дете на него се упатува кон отворено море поради неповолни временски услови. Според информациите, станува збор за седумгодишен грчки државјанин кој се нашол во опасност кога ветерот почнал да го носи гумениот чамец далеку од брегот.

Неговиот татко, без да чека помош, веднаш влегол во водата, обидувајќи се да отплива до својот син, но без успех. Крајбрежната стража брзо реагирала и испратила патролно возило на местото на настанот, но клучната улога во спасувањето ја одиграле вработените во блиската компанија за водна рекреација и локалните спасувачи.

Момчето и неговиот татко беа пронајдени на околу 200 метри од брегот. Со помош на џет-ски и приватен брод, двајцата беа успешно извлечени од морето и вратени на копно во добра здравствена состојба.

Овој настан, според надлежните, служи како предупредување за сите што престојуваат на море, особено за семејствата со деца, дека гумените чамци можат да бидат многу опасни ако не се користат со внимателен надзор и во поволни временски услови.