Skip to main content
Македонија

Драма на автопат: Возач бегал од полиција и фатен со 65 кг дрога

04/04/2026  18:56

Полицијата пресече транспорт на наркотична дрога во близина на Градско, при што се лишени од слобода две лица, а против нив ќе биде поднесена кривична пријава.
На 3 април 2026 година, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во содејство со САЕ „Тигар“, спровеле оперативно-тактичка мерка „заседа“ долж автопатот „Пријателство“, во близина на Градско, со цел спречување на недозволена трговија со дрога.

При акцијата, на наплатната рампа Стоби било забележано сомнително движење на патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки. На даден знак за запирање, возачот се обидел да избега, но по кратка потера бил запрен од полицијата.

При извршен преглед на возилото управувано од Ф.Н. (38) од Скопје, биле пронајдени четири црни торби со вкупно 65 кеси растителна материја, со тежина од околу 65 килограми, за која се сомнева дека е марихуана. Пронајдени биле и два мобилни телефони.

Во акцијата е приведено и второ лице, Ј.М. (55) од Кавадарци, а двајцата се спроведени во Полициската станица Велес.

Од МВР информираат дека до Основното јавно обвинителство во Велес ќе биде поднесена кривична пријава против осомничените за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Запленетата растителна материја, по наредба на јавен обвинител, ќе биде предадена на вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР.