Skip to main content
Спорт

Драма до крај: Босна ја шокира Италија, Чешка ја елиминира Данска

31/03/2026  23:42

Репрезентациите на Босна и Херцеговина и Чешка се последните селекции кои обезбедија пласман на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, откако по драматични пенал-серии ги елиминираа Италија и Данска.

Во дуелот меѓу Италија и Босна и Херцеговина, „аѕурите“ поведоа рано, со голот на Мозес Кен во 15. минута. Сепак, текот на натпреварот се промени по исклучувањето на Бастони, по што Италија остана со играч помалку. БиХ ја искористи предноста во второто полувреме и израмни во 79. минута преку Табаковиќ.

Во продолженијата немаше голови, па победникот се решаваше од белата точка. Италија потклекна под притисокот – Еспозито и Кристанте не реализираа, додека фудбалерите на БиХ беа посигурни и славеа со 3:1, обезбедувајќи историски пласман.

Ова е уште еден тежок удар за Италија, која по елиминацијата од Македонија пред четири години, повторно останува без настап на Светско првенство.

Во вториот натпревар, Чешка и Данска одиграа вистинска драма која заврши 2:2 по 120 минути игра. Чесите поведоа уште во 3. минута, но Данска израмни во 72. минута, носејќи го натпреварот во продолженија.

Во дополнителните 30 минути, Крејчи донесе ново водство за Чешка, но Данците не се предадоа и израмнија преку Хојг во 111. минута. Пеналите повторно беа решавачки, а Чешка покажа поголема психолошка стабилност и победи со 3:1.

Со тоа, Босна и Херцеговина и Чешка го комплетираа списокот на учесници на претстојниот Мундијал, оставајќи зад себе големи фудбалски имиња како Италија и Данска.