
Метео анализа на Славчо Попоски:
Под влијание на влажен воздушен бран од Медитеранот до крајот на денов и утре (сабота 18 октомври) во нашата Република Македонија времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд кои особено во западните и во југозападните предели ќе бидат пообилни и локално ќе наврнат над 20 литри дожд на метар квадратен. И во Скопје и околината времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд со слаб до умерен, повремено и со умерен интензитет.
Ќе дува слаб до умерен ветер и тоа долж Повардарието од југоисточен а во западните предели од источен и од североисточен правец. Поради продорот на поладен воздух од североисток денес на највисоките планински места во нашата Македонија (над 2000 метри надморска височина) ќе има услови и за повремен снег.
Што се однесува до температурите тие денес ќе бидат под просекот за овој период од годината и максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 9 до 15 степени а утре (сабота 18 октомври) тие ќе бидат малку повисоки и ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 20 степени. Во Скопје и околината денес температурата ќе се искачи до околу 12 степени а утре таа ќе биде малку повисока и ќе се искачи до околу 16 степени.