
Во Белград денеска се одржува масовниот студентски протест „15 за 15“, најголемиот собир во поновата историја на Србија. Илјадници студенти, ученици и граѓани од целата земја се собраа во центарот на српската престолнина, барајќи одговорност за трагедијата во Нови Сад од ноември минатата година, кога 15 лица загинаа по уривање на настрешница на Железничката станица.
Студентите и граѓаните бараат санкционирање на одговорните и транспарентен пристап до документацијата за реконструкцијата на железничката станица. Протестот започна во 16 часот, а уште од рано утринава студенти пристигнуваа во Белград со велосипеди, пеш и со јавен превоз.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека две лица биле уапсени за нарушување на јавниот ред и мир, а оштетени се повеќе трактори во близина на паркот Пионер, во кои биле сместени луѓе организирани од владејачката структура како контрагрупа на протестот. Јавниот превоз во Белград беше во прекин од 9 часот, официјално од безбедносни причини.
„Ова е народна борба. Треба да ја вратиме државата на народот“, изјави една студентка за N1.
Поддршка за протестот пристигнува од целиот регион, вклучително и од Бања Лука, каде студентите и по трет пат изразија солидарност со колегите во Србија.