
Претседателот на Социјалдемократската партија на Хрватска, Синиша Хајдаш Дончиќ, на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека европската интеграција е од клучно значење за продлабочување на односите меѓу Македонија и Хрватска. Тој порача дека не постои подобра асоцијација од Европската Унија за народи како македонскиот и хрватскиот.
„ЕУ ќе нè зближи уште повеќе и ќе овозможи во депопулациските региони, каде што луѓето за жал заминуваат и во Македонија и во Хрватска, одредени работи да се финансираат со европски средства. И тоа е важно. Но јас Европа не ја гледам исклучиво низ призмата на парите, туку и низ призмата на тоа зошто и како е создадена, а таа е создадена од хумани идеи. По векови војни, Европа всушност живее во мир”, рече Хајдаш Дончиќ.
Воедно, на прес-конференцијата Хајдаш Дончиќ потенцираше дека суштината на социјалдемократските политики е праведната распределба на создадената вредност уште во примарната фаза.
„Сакаме примарната распределба сликовито кажано, во фабриката, помеѓу работниците и сопствениците на капитал да биде праведна, не секундарната преку даноци, такси, субвенции и социјална помош, туку примарната. За тоа речиси никој не зборува ниту во Македонија освен СДСМ, ниту во Хрватска освен СДП. Социјалдемократијата не исчезнала и не пропаднала ниту во Македонија ниту во Хрватска бидејќи социјалдемократите единствени даваат одговор на две прашања, ние се залагаме за додадена вредност и сме против доминација на капиталот”, рече Хајдаш Дончиќ.
Во своето обраќање, Хајдаш Дончиќ ја истакна и важноста од заедничката визија и соработка меѓу социјалдемократските партии во двете земји.
„Тука сум кристално јасен. И она што денес ми е освежување е што со моите луѓе, пријатели и другари, со кои делиме иста визија, исти стравови, но и иста надеж дека во Македонија и во Хрватска може да биде подобро со силна социјалдемократска партија.Затоа јас и мојот колега претседателот Филипче се договоривме градовите во Македонија, односно општините каде што градоначалниците се од СДСМ, уште повеќе да се поврзат со хрватските градови и општини каде што градоначалниците се од СДП но не само поради политика, туку и за заедничка подготовка за Европската Унија и за средствата што доаѓаат, со цел што подобро да се искористат”, рече Хајдаш Дончиќ.
