Skip to main content
Македонија

ДОМ: Вистинската изборна реформа почнува со една изборна единица

09/03/2026  12:53

Соопштение за јавност на ДОМ:

Во јавноста повторно се отвора прашањето за можни измени на изборното законодавство и за различни идеи поврзани со функционирањето на Собранието. ДОМ смета дека ваквата дебата е добредојдена, но таа треба да се води со фокус на вистинските демократски реформи кои ќе го подобрат квалитетот на претставничката демократија.

Наместо дискусијата да се сведува само на бројот на пратеници, неопходно е во прв план да се постави прашањето за моделот на избор на пратениците и за еднаквоста на гласот на граѓаните.

ДОМ подолг период се залага за воведување една изборна единица, како решение што ќе обезбеди секој глас да има иста тежина и ќе овозможи поправедно политичко претставување. Постојниот систем со повеќе изборни единици со години создава диспропорции во вредноста на гласот и ја ограничува вистинската политичка конкуренција.

Во таа насока, ДОМ повторно ги истакнува своите клучни предлози за изборни реформи:

·        воведување една изборна единица на целата територија на државата,

·        отворени листи, со што граѓаните ќе имаат поголемо влијание врз изборот на пратениците,

·        правила што ќе обезбедат поголем демократски плурализам и фер политичка конкуренција.

Вистинските реформи во изборниот систем треба да имаат за цел да ја зајакнат довербата на граѓаните во институциите и да обезбедат парламент што поавтентично ја одразува волјата на гласачите.

ДОМ ги повикува политичките партии, експертската јавност и граѓанските организации да ја искористат оваа можност за сериозна и суштинска расправа за изборните реформи. На државата ѝ е потребен изборен систем што ќе обезбеди поголема правичност, транспарентност и вистинско претставување на граѓаните.