Skip to main content
Македонија

ДОМ: Томас Вајц ја пренесе вистинската слика за Македонија во Европскиот парламент

09/07/2025  20:09

Соопштение на ДОМ:

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) упатува јавна благодарност до европратеникот и специјален известувач на ЕП за Македонија, Томас Вајц, за неговата принципиелна, доследна и храбра поддршка за Македонија и нејзините граѓани и граѓанки во процесот на европската интеграција.

Во својот извештај и во обраќањето пред Европскиот парламент, Вајц ја прикажа вистинската слика за нашата земја: стабилна, мирољубива, мултиетничка заедница која со години ги исполнува европските очекувања, иако постојано се соочува со нови политички пречки. Неговите зборови дека Македонија е „доверлив партнер”, целосно усогласен со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, се потсетник за нешто што не смее да биде запоставено, а тоа е дека лојалноста и посветеноста заслужуваат институционално признание од ЕУ.

Воедно, во овој контекст, со сериозна загриженост гледаме на фактот дека Европскиот парламент усвои амандмани со кои од извештајот се избришани формулации што се однесуваат на македонскиот јазик и идентитет, прашања кои допираат до суштината на достоинството и самоопределувањето на секој народ. Ваквиот пристап не придонесува за доверба во процесот и остава горчлив впечаток кај граѓаните и граѓанките на Македонија, без оглед на тоа кои евро-пратеници гласаа за извештајот.

Истовремено, ДОМ укажува дека и покрај разочарувачките амандмани, овој извештај не смее да стане дополнителен изговор за застој на европскиот пат на земјата. Процесот на уставни измени, но и борбата против корупцијата и враќањето на довербата во судството и општо во државата, остануваат нужна обврска за отворање на пристапните преговори и за исполнување на меѓународните обврски што  Македонија ги има преземено.

Во духот на искреното пријателство што го демонстрира европратеникот Вајц, ДОМ потсетува дека Македонија треба со истата сериозност да ги прифати и неговите забелешки за економските и еколошките предизвици. Недоволното искористување на европската поддршка, потребата од инвестиции во стручни и млади кадри и загубата на човечки капитал мора да станат централни прашања на македонската политичка сцена. Како зелена партија, ДОМ ја препознава и пораката за заштита на природното наследство, справување со нелегалните депонии, загадувањето и системското занемарување на животната средина.