
Соопштение за јавност на ДОМ:
Во очекување на јавната расправа по поднесувањето на новото барање за обновоување на А-интегрираната еколошка дозвола на еден од најголемите загадувачи „Титан Усје”, ДОМ уште еднаш ги истакнува и посочува стандардите кои мора да бидат испочитувани од страна на субјектот.
Како одговорна зелена партија, јавно укажуваме и апелираме до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) по јавната расправа и при обновата на дозволата, од страна на цементарата „Титан Усје” мора да бидат безусловно исполнети следните барања:
· НУЛА” емисии во рок од 6 месеци: Итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички (PM10 и PM2.5), како и системи за десулфуризација и денитрификација за запирање на емисиите на сулфур диоксид (SO2) и азотни оксиди (NOx).
· 24/7 Јавен дигитален мониторинг: Податоците од оџаците да се емитуваат во живо на веб-страницата на МЖСПП и на јавни екрани во општината Кисела Вода.
· Заштита од токсини: Задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен (Activated Carbon Injection) и вреќасти филтри за целосно неутрализирање на диоксините и фураните. Со ова ќе се гарантира дека ниту една канцерогена материја нема да се испушта во воздухот додека трае процесот на преселување.
Исто така предлагаме паралелно со овие процеси да се разгледува и можноста за воведување на моделот „Зелен Урбан Трансфер” – стратешко решение кое овозможува дислокација на цементарницата без никакви трошоци за државниот буџет. Тврдењата дека дислокацијата е „невозможна мисија” се должат на застарени економски модели. Потребно е да се размислува стратешки со цел да се најдат оптималните и најдобри решенија од кои бенефит ќе имаат државата и граѓаните, а не приватните корпорации на кои најважен и примарен им е профитот без разлика на последиците.
Граѓаните на Скопје заслужуваат чист воздух и економски развој со хуман пристап, а не по цена на здравјето.

