Skip to main content
Свет

 „Долг и продуктивен разговор“ на Трамп со Путин – се согласиле веднаш да почнат мировни преговори за Украина

12/02/2025  20:00

Американскиот претседател, Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) објави дека денеска има долг и многу продуктивен телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин, во кој, меѓу другото, се согласиле „веднаш“ да започнат со мировни преговори за Украина.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателот на Русија, Владимир Путин / Фотоколаж: „360 степени“
Во објавата, Трамп вели дека со рускиот претседател разговарале за Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и на разни други теми.

„И двајцата се навративме на големата историја на нашите народи и за фактот дека толку успешно се боревме заедно во Втората светска војна, сеќавајќи се дека Русија изгуби десетици милиони луѓе, а и ние, исто така, изгубивме многу! Секој од нас зборуваше за силните страни на нашите нации и за големите придобивки што некој ден би ги имале од меѓусебната соработка“,

вели американскиот претседател.
Но, прво, како што вели понатаму во објавата, и двајцата се согласиле дека сакаат да стават крај на милионите загубени животи како резултат на војната меѓу Русија и Украина.

Во таа насока, Трамп се пофали дека во разговорот Путин го искористил предизборното мото на американскиот претседател – „здрав разум“, додавајќи дека и двајцата силно веруваат во тоа.

Вели се договориле на заедничка и тесна соработка, која, како што пишува, вклучува и взаемни посети на двете земји.

Според Трамп, тој и Путин се согласиле да ги упатат своите тимови веднаш да започнат разговори за ставање крај на војната во Украина.

„Ќе започнеме со тоа што ќе го повикаме претседателот Зеленски, од Украина, за да го информираме за разговорот, нешто што ќе го направам во моментов“, рече Трамп.