Skip to main content
Македонија

Докази дека пожарот кај езерото е подметнат: Најдени се изгорени гуми и ракавици кај Смилковско

10/07/2025  15:56

Пожарот што синоќа ја зафати околината на Смилковското Езеро и Железара не е случаен, туку подметнат – обвинија јавно градоначалниците на Гази Баба и Бутел, како и министерот за внатрешни работи.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој беше на теренот додека пожарникарите се бореа со огнената стихија, јавно објави докази – меѓу нив и фотографии од изгорени ракавици и остатоци од гуми, кои биле пронајдени токму во жариштето.

„Еве ги доказите: Остатоци од изгорена гума и ракавици се пронајдени на Смилковското Езеро. Сѐ е јасно, пожарот е подметнат. Жалосно е ако некој мисли дека на овој начин ќе добие политички поени“, напиша Стефковски на Фејсбук, објавувајќи фотографии од теренот.

И неговиот колега, градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, на социјалните мрежи порача дека има многу очевидци кои веќе дале изјави во МВР и потврдуваат дека пожарот бил подметнат.

Дополнително, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа по итниот состанок на Kризниот штаб во Владата рече дека сите вчерашни пожари биле подметнати.

– Имаме доволно индиции. Не е случајност – додека се гаснеше еден пожар, почнуваше друг, па трет… Сѐ е многу симптоматично. Не можам да откривам детали за да не ја загрозам предистрагата – изјави Тошковски.

Пожарот зафатил широка територија, а благодарение на брзата реакција на службите, бил спречен да стигне до населените места и до фабриките во Железара, потврди Стефковски. На терен се интервенирало со сите расположливи сили, меѓу кои Противпожарната бригада, екипи од „Комунална хигиена“ и МВР.