Skip to main content
Балкан

Дојава за бомба привремено ја одложи седницата на Собранието на Република Српска

22/08/2025  11:59

Поради дојава дека е поставена експлозивна направа во зградата на Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, почетокот на вонредната седница на Парламентот на РС е одложен за 11:30 часот, пренесе Бета.

Известувањето беше издадено кратко по 10 часот, кога дојде до итна евакуација на пратениците, вработените во собранието и новинарите.

Полицијата ги замоли сите да ја напуштат зградата на Собранието.

На дневен ред на вонредната седница е разгледување и усвојување на одлуката за распишување референдум во врска со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) да му се одземе претседателскиот мандат на Милорад Додик, бидејќи тој беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина.

Пратениците треба итно да гласаат за предложените измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива, според кои комисија назначена од Парламентот на РС ќе биде задолжена за спроведување на референдумот.

Пратениците треба да го искажат своето мислење и за оставката на премиерот на РС, Радован Вишковиќ, пренесе Бета.