Skip to main content
Македонија

Доаѓа нов топлотен бран, психолозите порачуваат: Се зголемува хормонот на стрес, се појавуваат раздразливост и немир

20/07/2025  12:35

Не е за изненадување дека високите температури влијаат и на менталното здравје. Повеќето од нас не се чувствуваат најдобро кога надвор е претопло, и за тоа постои причина. Имено, психолошките реакции на топлината, можат да варираат од стрес до клинички нарушувања.

Високите температури претставуваат посебен предизвик за луѓето со ментални нарушувања, бидејќи симптомите се влошуваат – нерасположението и анксиозноста растат со зголемувањето на топлотниот бран. Исто така, во светски рамки, забележано е и зголемување на бројот на психијатриски хоспитализации за време на периодот на екстремни горештини.

Високите температури имаат комплексен и значаен ефект врз менталното здравје. Може да влијаат врз психолошката стабилност, когнитивните функции, емоционалната регулација и општата добросостојба на поединецот.

Според некои студии, високите температури можат да го активираат симпатичкиот нервен систем – истиот систем што се активира и при анксиозност. Резултатот на тоа е телесна реакција што изгледа како паника, дури и лицето кога не е вознемирено психолошки.

Во разговор за МИА, психологот и психотерапевт Ивана Хаџиванова вели дека од психофизиолошка перспектива, телото под влијание на високи температури троши дополнителна енергија за терморегулација, што влијае за чувство на замор, раздразливост и намалена способност за концентрација.

Таа посочува дека претоплото време може да предизвика повлекување од социјални активности, зголемувајќи го чувството на изолација кај некои луѓе.

– Топлото време придонесува и за намалување на мотивацијата и работниот перформанс кај многу луѓе во лето и отежнато општо дневно функционирање. Долготрајната изложеност на топлотни бранови може да делува како хроничен стресор за организмот, честопати нарушувајќи го квалитетот на сонот. Ова може да доведе до покачување на нивото на кортизол (хормон на стрес) и до промени во невротрансмитерите во мозокот, кои имаат важна улога во регулирањето на расположението, емоционалната стабилност и психичката отпорност, особено кај лица со депресија или кај оние кои редовно консумираат алкохол – вели Хаџиванова.

Таа посочува дека кај лицата со зголемена телесна тежина, честопати се јавуваат потешкотии со терморегулацијата, што може да предизвика зголемена физичка и психолошка чувствителност, како и изразен дискомфорт при високи температури.

– Бремените жени исто претставуваат чувствителна група, а и лицата со ограничени финансиски ресурси и без пристап до климатизација или здравствена поддршка, се особено ранливи на негативните ефекти од високите температури – истакнува таа.

Според неа, луѓето кои спијат во несоодветно разладени простории пријавуваат почеста раздразливост, вознемиреност и потешкотии со емоционална контрола.

Хаџиванова посочува дека жештините можат да влијаат на секого, но одредени групи се почувствителни и со поголем ризик и влијание врз психо-физичкото здравје.

– Повозрасните лица и децата се чувствителни групи поради намалената способност за терморегулација и адаптација, а лицата со деменција може да имаат потешкотии да препознаат или реагираат на топлината, што ги изложува на сериозен ризик. Кај лицата со одредени медицински состојби, хронични заболувања и ограничена подвижност, покрај вулнерабилноста од медицинските состојби, физичката непријатност е дополнителен психолошки стрес – нагласува таа.

Додава дека кај лицата со ментални нарушувања, анксиозност, депресија, зависности од психоактивни супстанци и други ментални растројства, постои ризик од влошување на симптомите за време на летните жештини поради засилен психофизиолошки стрес и други поврзани фактори.

– Кај анксиозните лица, телесните реакции на топлина како забрзана срцева работа, потење или вртоглавица, често се доживуваат како сигнал за опасност, што доведува до дополнително засилување на анксиозната симптоматологија, зголемена психолошка напнатост и намалена адаптивност – појаснува Хаџиванова.

Како да се заштитиме?

Психотерапевтот Хаџиванова советува дека во услови на жештини, за да го заштитиме менталното здравје, потребно е да останеме разладени, хидрирани и психолошки стабилни.

– Престој во климатизирани простории, заштита под сенки и покриени надворешни простори, туширање со млака вода и избегнување движење на директно сонце и физички напор во најтоплите часови се едноставни, но ефективни мерки – вели таа.

Ја препорачува и редовната хидратација, која е клучна за психофизичка рамнотежа, а во однос на исхраната, во услови на жештини, треба да се конзумира лесна и нутритивно балансирана исхрана богата со свежо овошје, зеленчук и храна со витамини и минерали што исто придонесува за подобра хидратација, енергетска рамнотежа и психолошка стабилност.

– Доколку се појават симптоми како раздразливост, немир или влошено расположение, важно е да се забави со темпото и, ако е потребно, да се побара стручна поддршка. Лицата кои земаат психофармаколошка терапија треба да се консултираат со доктор психијатар за евентуални прилагодувања, доколку почувствуваат промени во својот психолошки статус – истакнува Хаџиванова.

Потенцира дека од особена важност при високи температури е да обрнеме внимание и на секојдневните навики.

– Лесна, широка и светла облека може да ја штити кожата и да помогне телото полесно да се разлади и да го намали непријатното чувство. Намалување на консумацијата на кофеин и алкохол исто така може да придонесе за подобра хидратација и емоционална стабилност – вели психологот.

Потенцира дека е добро е да се задржи стабилна дневна рутина со доволно време за одмор, релаксација и социјална поддршка, а доколку постои можност, престој во природа, на места со чист воздух и пријатна температура, дури и на кратко, може значително да придонесе за обновување на менталната енергија.

– Техниките за релаксација и свесна присутност можат да помогнат во управување со стресот, поголема толеранција и прифаќање. Потребно е внимателно следење на промените во физичкото и менталното здравје за време на екстремни температури и навремено реагирање. Временските услови не се во наша контрола, но во наша контрола ни е грижата за себе, навиките и однесувањето, кои свесно треба да бидат во насока на заштита – заклучува Хаџиванова.

Од УХМР најавија дека под влијание на топла воздушна маса од југ, следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува од утре, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30, на повеќе места ќе надминува 35, а наместа ќе биде и над 40 степени.