Skip to main content
Македонија

ДОАЃА МНОГУ ПОЛАДЕН И ВЛАЖЕН БРАН ОД АРКТИКОТ КОН МАКЕДОНИЈА: Ноќта петок кон сабота голем пад на температурите и врнежи!

31/12/2024  19:52

Метео анализа на Славчо Попоски:

Веќе ноќта петок кон сабота (3 кон 4 јануари 2025) и во сабота (4 јануари 2025)  во Македонија како што подолго време најавувам ќе дојде до поголема промена на времето и спуштање на многу поладен и влажен воздушен бран од Арктикот.

Во ваква ситуација во текот на ноќта петок кон сабота, како и во сабота, особено претпладне ќе има врнежи од дожд, кои на повисоките места  и на планините, како и на Скијачките центри секако ќе бидат од снег, и постојаната снежна покривка токму на овие места ќе се зголеми. Поради заладувањето, повремен снег ќе има  и во делови од пониските места (градовите), особено во западните и во северните предели од Македонија.

Сето ова ќе биде проследено и со повремено засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина до околу 60 км/час).

Во Скопје  и околината со овој бран ќе има врнежи од дожд, а на околните планини и во повисоките предели од котлината ќе има повремени врнежи од снег. Услови за сосема слабо провејување на снег ќе има  и во делови од пониските предели од котлината. Повремено со ова спуштање на ладниот воздух од север, и во Скопскиот регион ќе дува засилен ветер од северен правец.

Што се однесува до температурите, тие значително ќе опаднат и во сабота наутро ќе се спуштаат во интервалот од -6 до 3 степени, додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 1 до 10 степени во најтоплите југоисточни предели од Македонија.

Да напоменам дека на повисоките населени места, како и на планините  и Скијачките центри, температурите во сабота  и преку ден ќе бидат постојано под нулата.