Метео анализа на Славчо Попоски:
До понеделник (10 февруари) нашата територија ќе се наоѓа под влијание на ладна, но сува воздушна маса која продира од источните и од североисточните предели на Европскиот Континент. Времето ќе биде претежно сончево, со појава на мала до умерена локална облачност и со појава на магла по котлините, и тоа во утринските часови.
Ќе биде и понатаму ладно, особено наутро и во ноќните часови кога температурите насекаде низ Македонија ќе се спуштаат под нулата, а особено во Беровскиот регион, планинските места, секако, вклучувајќи ги и Скијачките центри температурата ќе се спушти до околу, па и под -10 степени. Максималните дневни температури на воздухот пак ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 9/10 степени во југоисточните предели од Македонија.
Во Скопје исто така до понеделник ќе имаме стабилно и суво време, особено наутро и ладно. Наутро температурата ќе се спушта до околу -2/-3 степени, а преку ден таа ќе се искачува до околу 9/10 степени.