Skip to main content
Македонија

До четврток ќе се задржи дождот, стабилизирање дури во петок

30/03/2025  20:50

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.

Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, јавува УХМР.

Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.

До четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер. Стабилизирање на времето ќе има во петок.