Skip to main content
Македонија

До 250 деца дневно во „Козле“ поради силен бран на грип

30/12/2025  20:59

Силниот бран на сезонски грип ги преполни болничките капацитети во Скопје непосредно пред новогодишните празници. Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ работи со полн капацитет, а лекарите предупредуваат дека клиничката слика кај голем број деца е сериозна.

Дневно низ амбулантите на „Козле“ поминуваат и до 250 деца, додека болничките кревети се речиси целосно исполнети. Во моментов, околу 80 деца се хоспитализирани со дијагностицирана пневмонија, а пет деца се на кислородна поддршка поради тешка клиничка состојба. Пациентите се од различни возрасни групи – од доенчиња до деца на школска возраст.

Педијатарот д-р Мирјана Поповска вели дека овогодинешната инфлуенца е значително поагресивна од вообичаените вирусни инфекции.

„Децата најчесто доаѓаат со многу висока температура. Инфлуенцата дава 40, па и до 41 степен, а потоа следуваат изразена омалаксаност и болки во мускулите. Кај обична вироза децата обично се активни, но грипот буквално ги бутка во кревет“, објаснува д-р Поповска.

Таа предупредува дека грипот може брзо да предизвика компликации на долните дишни патишта и да доведе до масивни пневмонични инфекции, особено кај помалите деца.

Лекарите апелираат родителите да не создаваат паника при секоја појава на температура, но внимателно да ја следат состојбата на детето. Како прва мерка се препорачуваат мирување, внес на доволно течности за рехидратација и средства за намалување на температурата, како парацетамол.

Сепак, медицинска помош е неопходна доколку се појави тешко или забрзано дишење, прогресивна кашлица или чувство на „глад за воздух“.

Слична е состојбата и на Клиниката за детски болести во Скопје, каде моментално се хоспитализирани околу 130 деца со различна патологија. Медицинските тимови предупредуваат дека бројот на заболени од респираторни инфекции може дополнително да се зголеми за време на празничниот период.