Skip to main content
Македонија

Длабока држава или Шарена интересна групација

21/02/2025  16:15

Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

Поимот „длабока држава“ обично се користи за да се опишат тајните структури на власт кои дејствуваат зад кулисите на официјалните владини институции. Тоа се групи на луѓе кои имаат значајно политичко, економско или воено влијание, но не се под директна контрола на избраните власти. Некои теоретичари овој поим го поврзуваат со припадници на високата администрација, бизнис-елитата, разузнавачките и воените структури, финансиските кругови или други моќни ентитети. Сите овие структури дејствуваат со цел да ја одржат својата моќ и влијание, да спроведуваат сопствена политика независно од изборните резултати или промените во власта.

Доколку постои длабока држава во нејзината изворна форма, тогаш таа, во зависност од својот интерес, може да биде и кочничар на целосната демократска транзиција и напорите за стабилизирање на правната држава и владеењето на правото. Впрочем, токму тоа ѝ се случува на Република Македонија. Македонците, седумдесетина години во поранешната СФРЈ, а потоа повеќе од триесет години во самостојна Македонија, сведочат за делувањето на длабоката држава. Истите овие сили продолжија со своето дејствување и по осамостојувањето на Република Македонија, на моменти со зголемен, а на моменти со намален интензитет и со многу пософистицирани методи.

Во нашата држава последниве неколку години постојат извесни гласини, јавни искажувања на познавачи на оваа проблематика, но и загриженост во однос на влијанието и на една неформална структура кои јавноста ја етикетира како „длабока држава“. Станува збор за интересна групација составена главно од поранешни високи функционери, од нив поставени директори по јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, од оганизирани криминални групи, безбедносно-разузнавачки и судско-обвинителски структури и други субјекти кои се обидуваат сериозно да влијаат врз одлуките, политиките, постапките и процесите кои што се водат во многу области.
Последнава декада односно во периодот 2015–2017 година, со помош на дел од домашните тајни структури и странски агентури, беше урната една легитимна, но криминализирана власт и на нејзино место беше насилно и противзаконски инсталирана нова власт, која експресно ги стави личните и туѓите интереси над интересите на македонскиот народ и македонската држава. „Шарената револуција“ го промени политичкиот пејзаж на Македонија, но не ги донесе посакуваните реформи. Напротив, таа ги воздигна СДСМ и ДУИ, а ја клекна на колена Република Македонија. Новата власт не само што го обезличи македонскиот народ и држава, туку и го наруши и унитарниот карактер на државата овозможувајќи неформално таа да функцинира како бинационална наместо мултиетничка држава. Паралелно се обезличија и ставија под целосна партиска контрола институциите на системот, особено правосудниот систем, практикувајќи селективна или поточно ,,нарачана правда’’. А за воља на вистината тоа и не им беше тешко бидејќи голем дел од судиите и обвинителите лесно и брзо го пресоблекоа дресот по уривањето на претходната власт.

Што се однесува на многубројните судските процеси кои беа покренати во меѓувреме, тие главно беа процеси против поранешни политички функционери кои во најголем број застареа, а додека за другите сопреа постапките со срамните измени и дополненија на Кривичниот законик. Меѓутоа за жал ,,одмаздата’’ на свој грб ја почуствуваа други лица кои ниту криви ниту должни во погрешен момент се најдоа на погрешно место. Овие персони со голем патриотски дух беа изманипулирани, оставени на цедило и осудени благодарение на дел од нивните по разни основи веќе амнестирани сопартијци и сопартијци колаборационисти со власта.

Во меѓувреме осоколените дојденци на власт, се почувствуваа семоќни и со помош на еден дел од судиите и обвинителите (посебно со помош и поддршка на дел од реинтегрираните обвинители на СЈО во ЈО) го засилија практикувањето на претходно воспоставениот систем на уцени и казни. Дел од поранешните високи функционери и ним блиски бизнисмени стана главен таргет за рекет, а тендерите и шверцот станаа целодневна преокупација. Со еден збор преку ноќ почнаа да цветаат империиите на сега веќе новите фамилии на власт. Впрочем сето она што го правеше дел од поранешната највисока власт во државата, поточно фамилијата (братучедите) сега малку потивко, но со многу поголем интензитет го правеше наметната власт – новите фамилии.

За жал сето ова беше проследено со молк од страна на менторите кои ги инсталираа на власт кои ниту гледаа, ниту пак слушаа за овој нов арамилак и тортура. Тие исти ментори се обидоа да го прекинат молкот и истовремено да им дадат до знаење за ,,усул’ со ставање на американската црна листа на нивни блиски и високи владини соработници како и со критики кон партизираното и криминализирано правосудство. Но, и тоа не помогна. Арамилакот и неказнувањето добиваа се поголем интензитет.

Со неочекувано заминување од власт на почетокот на 2022 година и доаѓањето на новиот премиер контролата над институциите, а посебно над судско-обвинителските структури продолжи и понатаму со позасилено темпо преку ново поставените и строго контролирани јатаци на врвни позиции и преку нови монтирани случаи за наводно сторен криминал. Информациите кои секојдневно излегуваат на површина велат дека поднесувањето нови кривични пријави, отварање нови судски случаи и процеси, одолговлекување на тековните судски процеси, блокирање на банкарските сметки на фирмите, секојдневни контроли на одредени фирми како и други работи се наложувале од страна на поранешни високи политички структури кои дејствуваат во позадина, а главни реализатори биле дел од реинтегрираните сјовци во ЈО. Се работи за групација продукт на Шарената револуција.

На припадниците на ,,Шарената интересна групација“ преку ноќ почнаа да им цветаат бизнисите на сите полиња, од иградба на фабрики за производство на марихуана, шверцување, купување деловни центри, фабрики и комбинати, вршење ископи и транспорт, купување јаглен, поставување фотоволтаици, изградба на ветерни паркови, гламурозни патувања низ светските туристички дестинации, гламурозни прослави на родендени и што уште не. А за нови коли станови, куќи или коли воопшто не е за споменување односно за пишување бидејќи тоа им стана сосема нормална работа. Република Македонија преку ноќ стана заложник на една инстант ,,Шарена интересна групација’’. И ова траеше со несмален интензитет се до доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт која најави сериозна борба со криминалот и корупцијата како и со испливување на површина на обвинителското неединство каде по се изгледа постојат подобни и неподобни обвинители.
Некои мои пријатели и другари постојано ме прашуваа дали оваа параструктура – инстант ,,Шарената интересна групација“ можеме да ја наречеме длабока држава? Според мое поимање на работите НЕ. Ако ме запрашате зошто, одговорот е мошне едноставен и лесен. Тоа е затоа што онаму каде функционира длабоката држава колку и да се спроведува политиката на тајните структури, сепак постои и грижа за заштита на државните и националните интереси, грижа за целовитоста на државата. А на оваа тема ,,Шарената интересна групација’’ воопшто не размислува бидејќи интересите и целите им се исклучително лукративно-финансиски.

Размислувајќи како се доведовме во оваа ситуација логиката ме наведува на заклучок дека тоа им го дозволија домашните и странски политичко-разузнавачки структури кои ги одбраа да ја спроведат нивната агендата и кои ги востоличија на власт. Меѓутоа алчноста и чувството на семоќ дополнително ги ,,осоколи’’ припадниците на оваа парагрупација и истите се обидоа да го доразнебитат до крај и онака деформираниот правосуден систем со цел истиот да им носи поголеми лични бенефити по сите основи. Ама како вели една стара поговорка: ,,дамашниот есап најчесто се разликува од есапот на пазарот’’. Сега истите тие не само што се терет за државата, туку се и терет за оние кои ги донесоа на власт.
Алчноста и играта со судбините на луѓето ќе трае се до оној момент додека не почне да се отплектува гордиевиот јазол. А отплеткувањето веќе започна, иако јас сум заложник на длабок рез поточно на експресно пресекување на јазолот. Актуелното државно раководство покажа енегричност и почна да расчистува со овие самовоспоставени параструктури, а странскиот фактор се трга настрана од оваа групација. Едноставно се бројат деновите на ,,Шарената интересна групација’’.