Skip to main content
Македонија

ДКСК уверува дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институцијата

28/04/2025  14:50

Следејќи ги последните случувања, Државната комисија за спречување на корупцијата ја уверува јавноста, партнерите и меѓународната заедница дека институцијата останува целосно доследна на почитувањето на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото. Во своето соопштение тврдат дека ДКСК продолжува да работи независно и ефикасно, во согласност со своите законски надлежности и својот мандат.

-Државната комисија продолжува да ги спроведува своите тековни активности и обврски, а нејзината мисија за превенција и борба против корупцијата на сите нивоа останува непроменета и посилна од било кога. Државната комисија уверува дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност. Свесни сме за важноста и значењето на довербата од јавноста. Затоа ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и да соработуваме со надлежните институции, обезбедувајќи почитување на законите и највисоките етички стандарди во рамките на ДКСК, стои во реакцијата на Антикорупциската комисија откако нивната претседателка е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“.

Претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“ треба да даде оставка од функцијата за да не наруши интегритетот во работењето на ова тело и довербата кај граѓаните – порачуваат поранешни нејзини колеги. Здруженијата со забелешка и за отчетноста на ова тело во последниот период.

-Ова е тежок удар за општеството, граѓаните, институцијата и сите нас. Треба да гледаме како понатаму и да се бара чаре. На потег е Собранието што може да преземе. Сите членови и претседателката на ДКСК одговараат пред Собранието. Да се види какви контроли треба да се преземат. Не треба да се седи со скрстени раце. Прво и основно е дека претседателката најитно треба да си поднесе оставка затоа што на овој начин ја инфицира институцијата. Треба да се тргне за да може институцијата слободно да се чисти, изјави денеска екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска пред медиумите.