
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на седница не утврдила судир на интереси кај директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во врска со фирмата „Сити аутсорсинг“, за која опозицискиот СДСМ претходно тврдеше дека е поврзана со неговото семејство и дека добивала тендери од државни институции.
Со ова, постапката што ја водеше Антикорупциската комисија е запрена.
Членката на ДКСК, Софија Спасовска-Медарска, појасни дека во минатото постоела одредена поврзаност на членови на семејството на актуелниот директор со тоа трговско друштво, но во моментот таква поврзаност не постои.
„Нема ниту сопственичка, ниту управувачка поврзаност на службеното лице или на член на неговото семејство. Од електронскиот систем на јавни набавки се гледа дека не се наведени податоци за договори склучени меѓу наведеното трговско друштво и институцијата со која раководи службеното лице“, изјави Спасовска-Медарска.
Претходно, опозициската СДСМ обвинуваше дека фирма поврзана со блиско лице на директорот на владината служба наводно добила 161 тендер. Томовски ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека никој од неговото потесно семејство нема сопственост во компанијата посочена од опозицијата. Тој тогаш ги повика ДКСК и Јавното обвинителство да покренат постапка и што побрзо да го расчистат случајот, со цел, како што рече, да се докаже неговата невиност.
На истата седница, членовите на ДКСК едногласно донесоа одлука да се поведат постапки против 234 советници избрани во општините во државата кои не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во законски утврдениот рок.
Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, посочи дека анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

