Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје започнува истрага за можни саботажи на нивните автобуси, откако денеска во населбата Сопиште изгоре еден од украинските автобуси од нивниот возен парк.
На местото на настанот присуствуваше директорот на ЈСП, Драги Кушовски, кој за медиумите изјави дека претпријатието веќе има одредени сознанија во врска со овие инциденти.
„Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно, од разни нему познати причини, може да придонесува за вакви инциденти кои се случуваат повеќепати“, изјави Кушовски.
Ова е трет случај во последните шест месеци. Во јули минатата година, автобус на ЈСП се запали во скопската населба Бутел, при што како причина беше утврдена дефектна електрична инсталација. Неколку недели претходно, друг автобус настрада во пожар на Железничката станица.
Од ЈСП најавија дека ќе спроведат детална истрага за најновиот инцидент, со цел да утврдат дали постојат елементи на саботажа или проблеми со одржувањето на автобусите.