Skip to main content
Балкан

Дипломатски пресврт: Италијанскиот министер ја откажа посетата во Србија пред полетување

01/04/2026  16:01

Планираната посета на Антонио Тајани на Србија беше откажана во последен момент утрово, непосредно пред полетувањето на неговиот авион од Рим, информираат дипломатски извори.

Според истите извори, станува збор за невообичаена ситуација кога однапред договорена официјална посета се откажува буквално во последен миг, особено ако се има предвид дека српскиот протокол веќе го очекувал Тајани на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Причините за ненадејното откажување засега не се соопштени, а деталите остануваат непознати, пренесува Н1.

Од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ беше издадено кратко соопштение во кое се наведува дека средбата е само одложена.

„Најавената средба меѓу претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија, Антонио Тајани, која требаше да се одржи денес, 1 април 2026 година, е одложена. Новиот датум ќе биде дополнително објавен“, се наведува во соопштението.

Неофицијално, дипломатските кругови ја оценуваат ситуацијата како изненадувачка, имајќи предвид дека ваквите посети обично се прецизно координирани и ретко се менуваат во последен момент.