Skip to main content
Македонија

Димоски: Предупредувања игнорирани, трагедија се случи загина Кристијан Љушев

13/01/2026  20:23

Во Охрид, вчера трагично загина 28-годишниот Кристијан Љушев – снимател, фотограф и продуцент – при пад од петти кат во окно од лифт во зграда која се наоѓала во изградба. По несреќата, тој итно бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде лекарите се обиделе да го реанимираат, но за жал, обидите биле неуспешни.

Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста, особено по објавата на адвокатот Војо Димоски, кој на социјалните мрежи посочи дека на истото градилиште подолго време постоеле спорни градежни активности.

„Во јуни 2025 година, како полномошник на оштетени, поднесов кривична пријава против оваа градежна компанија и нејзиниот управител. Несовесно градејќи зграда, без да бидат спречени од надлежните, ги оштетија околните објекти до степен да станат опасни за живеење“, напиша Димоски.

Според него, постапката била затворена во август 2025 година со решение на Вишото обвинителство во Битола, кое одлучило да не продолжи со гонење по пријавата.

„Вчера, во тој објект во кој се изведуваа градежни активности на работ на законот, трагично загина наш млад сограѓанин“, додава адвокатот.

Тој упати критика и до институциите и до општеството, посочувајќи дека предупредувањата често се игнорираат сè додека не се случи трагедија.

„Паметните учат на туѓи, а помалку паметните на своите грешки. Ние како општество одамна не учиме никакви лекции. Жално“, напиша Димоски.

Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, додека официјалните институции засега не се огласиле во врска со околностите на несреќата и наводите за незаконско градење.