Skip to main content
Македонија

Димитровска не поднесува оставка од функцијата во ДКСК

30/04/2025  11:33

Татјана Димитровска, претседателка на Комисијата за спречување корупција, нема да поднесе оставка соопшти денеска преку меил.

Таа беше опфатена во предметот „Адитив“, каде се сомничи дека оддала службена тајна. Според Обвинителството, таа информациите ги давала на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино, преку „Вибер“ и „Ватс ап“, за што се најдени докази во вештачените телефони. За него, Димитровска сега вели дека и е семеен пријател.

„Како Претседател на Државната комисија за спречување на корупција, сакам да нагласам дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена. Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација“, вели Димитровска.

„За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно. Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите. Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, додава таа.