
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, во рамки на петтиот ден од кампањата, порача дека СДСМ секојдневно е во директна комуникација со граѓаните насекаде низ државата.
„Знаеме дека и во Дебрца, како и во многу други општини, се живее тешко. ДПМНЕ го сроза економскиот стандард – платите едвај стигнуваат до први во месецот, а цените дивеат,“ истакна Димитријевиќ.
Тој посочи дека највозрасните граѓани се најмногу погодени од политиките на власта. „Пензионерите станаа последната жртва на лагите на Мицкоски и ДПМНЕ. Наместо покачување од 2.000 денари кое законски им следуваше уште во септември, добија само 1.000 денари, што не се доволни ни за едно пазарење,“ нагласи тој.
Димитријевиќ оцени дека и покрај апсолутната власт, Мицкоски и ДПМНЕ покажале апсолутна неспособност во сите сфери – економија, судство, образование, земјоделство и здравство.
„Затоа на овие избори мора да им се застане на патот. СДСМ е единствениот гарант за тоа,“ рече генералниот секретар на СДСМ.
Тој ги претстави и кандидатите на СДСМ во Дебрца, нагласувајќи дека локалните избори мора да бидат пресвртница и време за чесни, докажани и вредни луѓе кои ќе донесат напредок. „Нашиот кандидат за градоначалник Љупчо Паунковски и советничката листа предводена од Даниел Тороманоски се подготвени да работат за доброто на секое населено место во општината,“ истакна Димитријевиќ.
„Заедно можеме да ја вратиме надежта,“ додаде тој.