
Прес конференција, Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ
Акциите на САД против корупцијата, како и специјалниот Закон на САД за Западен Балкан, се силен показател, се враќа фокусот за санкционирање на корупцијата и криминалот во регионот.
Зошто е ова многу значајно за Македонија?
Заради врските и поврзаноста на актуелната власт во Македонија кои Антикорупцискиот тим на СДСМ целосно ги разоткри.
Објавивме сериозен скандал со сомнителни зделки за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка, институција која во јавноста е препознаена како блиска до Вучиќ и структурите на СНС.
Банкарот на Вучиќ – стана банкар и на Мицкоски во Македонија.
За овој скандал побаравме Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова сомнително преземање и темелно да се испита потеклото на парите.
До денеска нема никаква реакција од ниту една надлежна институција.
Денеска откриваме нова врска, уште една поврзаност на Алта банка со структури на ВМРО-ДПМНЕ, финансиери и функционери.
Кој уште е дел од Алта банка во Македонија?
Во менаџерскиот тим стои името на Лидија Неделкова. Звучи познато? Дали е ова симболот на „сваровски судство” од времето на Груевски, која беше разрешена од Судскиот совет?
Во Надзорниот одбор е Стевчо Јолакоски, баџанак на Панче Тошковски, актуелен министер во владата на Мицкоски.
Ќе го споменеме и малку познатиот Марјан Закев, член на менаџерскиот тим, кој во минатото бил сопственик и управител на фирма во која во 2014 година влегува „Ексико” Скопје. На јавноста е позната по офшор-структурите и бизнис круговите блиски до Мијалков и Камчев, како и со предметот „Империја”.
Ако на ова се додаде и фактот дека за Член на Управниот одбор на банката од Битола била избрана Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се е јасно.
Ова ренген слика за цела една структура- директен доказ за поврзаноста на Алата банка со ВМРО-ДПМНЕ, финансиерите и функционерите од оваа партија.
Дали затоа молчи Јавното обвинителство и не презема ништо?
Дали Мицкоски има отворено сметка во Алта банка?
Бидејќи во јавноста веќе се објавени информации за уплати во инвестициски фондови во Србија, поврзани со структури блиски до СНС прашуваме:
Дали некој функционер, член или близок соработник на ВМРО-ДПМНЕ има инвестирано или уплаќано средства во овие фондови?
Очекуваме одговори и одговорност.
Работата не е завршена.

